По повод последните пишувања на Јованка Дојранлиева, во кои се изнесуваат груби невистини и лични навреди врз општината и врз одредени советници, а во врска со последната седница на Советот на општина Гевгелија и неприфаќањето да се разгледува иницијативата на здружението на граѓани „Арсена“ околу квалитетот за водата за пиење и намалувањето на нејзината цена на ниво на техничка вода, општина Гевгелија ја информира јавноста за следното:
Општина Гевгелија е подготвена да дискутира за секоја издржана граѓанска иницијатива, но не и за иницијатива заснована на шпекулативни тврдења дека водата за пиење во Гевгелија не е исправна што континуирано ја наметнуваат неколку приватни, „one man„ здруженија од Гевгелија, кои добиваат големи суми пари од странски донатори, внесувајќи паника меѓу населението.
На сите граѓани на општина Гевгелија им е познато, но не и на ЗГ „Патокази“ од Гевгелија, ЗГ„Пирустија“ од Богородица, а посебно на др. Панде Кацарски, како поранешен претседател на Советот на општина Гевгелија, дека за време на неговото претседателствување, во 2004 година од страна на СЗО беа извршени корекции на дозволените количества на арсен во водата за пиење. По измените на правилникот, квалитетот на водата за пиење воопшто не беше ставен на дневен ред на Советот, можеби и затоа што тогашниот претседател беше многу повеќе заинтересиран за вработување на некој од своето потесно семејство и за некаква материјална корист од ЈПКД Комуналец, отколку да протестира и на стари години да носи транспаренти како што тоа го прави денес.
Исто така, сакаме да потсетиме дека во периоодот од 2004 до 2009 година, тогашната локална самоуправа, предводена од СДСМ, не мрдна со мал прст да го обелодени, а не пак да го реши проблемот со арсенот. Па, дури е трагично што ниту во нивните изборни и годишни општински програми за работа тоа тие го немаат ставено. По смената на локалната власт се актуелизира и политизира ова прашање, кое е од интерес за сите граѓани.
За разлика од нив, актуелниот градоначалник и Совет на општина Гевгелија секојдневно бараа, а веќе и изнајдоа долгорочно решение на проблемот со водоснабдувањето на нашиот град, со што еднаш за секогаш ќе се тргне од дневен ред оваа вештачки наметната ситуација. Сепак, заради вистината, но и заради неодговорните тврдења на ЗГ„Арсена“ дека градоначалникот и општината ги трујат граѓаните, сакаме да ги запознаеме граѓаните со стручно мислење за токсичноста на разните видови арсен во гевгелиската вода за пиење добиено врз основа на извршените хемиски анализи на сертификуваната установа – Институт МОЛ д.о.о., Стара Пазова, Република Србија и судскиот вештак од областа на хемијата, докторот на науки Биљана Дојчиновиќ.
Сите граѓани може да се запознаат со ова стручно мислење, за тоа што е тровалентен, а што петовалентен арсен, кој е помалку, а кој повеќе токсичен, каков арсен е присутен во гевгелиската вода за пиење. И сами, без никој од страна да им дели лекции, да извлечат заклучоци околу тоа дали гевгелиската вода е здрава за пиење или не. Според ова мислење анализираната вода за пиење од гевгелиското подрачје, во поглед на присуството на арсен, е под многу низок ризик.
Извор: Општина Гевглија









