Денеска во Гевгелија во организација на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации-канцеларија во Скопје(УНХЦР), и Црвениот крст на град Скопје во соработка со Општинската организација на Црвениот крст на Гевгелија се одбележа 20 јуни, Светскиот ден на бегалците.
Вo периодот од 11.00 do 13.00 часот на плоштадот во Гевгелија волонтери од Клубот на млади на Црвениот крст дистрибуираа флаери со порака „И јас сум човек„ а членовите на хип-хоп групата Мистик одржаа „флеш моб„.
Претседателот на Општинскиот одбор на Црвениот крст од Гевгелија, Димитар Вегов истакна дека целта на манифестацијата е да се подигне свеста кај граѓаните од општина Гевгелија за поддршка и помош на луѓето кои поради војна масовно ги напуштаат своите домови, а на самите мигранти да им ја вратат довербата и надежта во својата иднина. Црвениот крст од Гевгелија организираше досега неколку акции за собирање облека и храна и за пружање на здравствена помош на бегалците кои минуваат низ Гевгелија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов истакна дека низ Гевгелија поминуваат дневно и по неколку стотини бегалци, но дека засега со нив немало никакви проблеми. Тој изрази надеж дека со новоизгласаниот закон за бегалците кои транзитираат низ Македонија ќе им се олеснат барем малку маките на оние кои не по своја волја биле принудени да ги напуштат своите земји.
Општина Гевгелија освен преку поддршка на вакви настани денеска организираше достава на флаширана вода за пиење која на мигрантите ќе им се дели на Автобуската станица во Гевгелија и на Железничката станица во Миравци. Претставничката на Црвениот крст на град Скопје Ема Томненовиќ напомна дека граѓаните не можат да направат да се спојат разделените семејства но барем можат на оние кои бегаат од војната да им подарат насмевка , утешен збор и мало разбирање.