До општинските канцеларии во Гевгелија, Негорци и Миравци, во утврдениот рок за пријавување на штети од невремето со град, што ја зафати општина Гевгелија, биле поднесени 314 пријави од физички и правни лица за предизвикани штети на земјоделските посеви.
Најмногу пријави за штети од градот се поднесени во канцеларијата во Негорци – 160, што потврдува дека во овој дел штетите се најголеми. Во канцеларијата во Гевгелија се поднесени 126, главно од земјоделците во Ново Конско и Мрзенци, а во Миравци 16.
Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди продолжува со проценката на оштетените површини. Извршена е проценка на штетите од градот на лозовите плантажи на „Ригоимпекс“ и „Викториа фрут“, како и на земјоделските површини во Ново Конско, врз основа на досега поднесените пријави.Во тек е проценката на оштетените земјоделски посеви во Негорци.
По извршената проценка, Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди ќе изготви Елаборат за предизвиканите штети, кој ќе го достави до Советот на општина Гевгелија.
Извор: Општина Гевгелија