Потпишан договорот за уредување на динќут


Градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов вчера во Министерството за регионален развој на Бугарија, во Софија, го потпиша договорот за реализација на проектот „Афирмација на природните и културните вредности во пограничниот регион за подобра видливост и пристап”, одобрен од ИПА-Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.

За реализација на овој проект се доделени вкупно 215.312 евра, од кои  169.692 евра за општина Гевгелија како лидер партнер, а преостанатите средства се наменети за партнерот Агенцијата за економски развој од Банско, Бугарија.

Во рамките на одобрениот проект предвидени се повеќе зафати и содржини за уредување на излетиштето Динќут во простор за забава, спорт и рекреација. Со проектот е предвидена изградба и уредување на Летно кино, односно изградба на амфитеатар со подвижно пано за летни кино-проекции. Исто така, предвиден е и простор за поставување на  справи за фитнес и гимнастика, со што се овозможува практикување на вежби во природа. Потоа, уредување на детско игралиште со поставување на реквизити и опрема за забава на деца – трамбулина, тобоган и лулашки, вештачка карпа за искачување, како и игралиште за мал фудбал.

Покрај детското игралиште и игралиштето за мал фудбал, на Динќут ќе биде уредено уште едно детско игралиште со опрема од природни материјали – куќичка за деца, справа од јажиња, лулашки и слично. На Динќут, според проектот, е предвидена трим патека опремена со реквизити за трчање и вежбање наменети за возрасната група на посетители, изработени целосно од природни материјали. Се разбира, и урбана опрема, канделабри, клупи, корпи за отпадоци, информативни табли и чешми.

Предвидено е поставување на три летниковци со маси и клупи изработени од природни материјали, вклопени во конфигурацијата на теренот. Постојната техничка просторија, на влезот во локалитетот, ќе биде реконструирана и ќе служи за чување на опрема и контрола на локалитетот. Со целосната реконструкција и уредување Гевгелија на Динќут ќе добие ново и модерно катче за забава, спорт и рекреација. Со потпишувањето на договорот за реализација на проектот всушност почнуваат и активностите за негова имплементација.

Извор: Општина Гевгелија

Коментар

Коментар

Проверете го и ова

Прва новогодишна забава за миленичиња во Гевгелија

Во неделата успешно се одржа првата Новогодишна забава за миленичиња во Гевгелија, организирана од  ветеринарната …