Заштитникот на Гевгелија – Спасовден и годинава ќе биде одбележан со богата програма. Одбележувањето на патронот на Гевгелија започнува на 6 јуни (понеделник) со ликовниот перформанс на отворено на познатиот хуманист Живко Поповски-Цветин „Цветна патека на мирот“. На 7 јуни (вторник) на шеталиштето кај фонтаната ќе се одржи традиционалната музичка манифестација Распеана чаршија „Трби, трби“.
Годинава учесници на оваа фолклорна ревија ќе бидат Распеани светиниколчани, Распеани валандовчани, Распеани велешани, Распеани гевгеличани и Распеани пензионерки од Гевгелија.
Во пресрет на Спасовден, на 8 јуни (среда) во Народниот театар во Гевгелија ќе гостува театарот Комедија со хит претставата „Стјуардеси“. На 9 и 10 јуни и годинава на гевгеличани, меѓу првите во земјата, ќе им се претстави Баскер фест.Единаесетти пат, традиционално во Скопје, но и во другите градови низ Македонија ќе се одржи „Баскерфест“, фестивалот кој под отворено небо нуди бесплатна забава за сите возрасти.
Гевгелија и оваа година ќе ја има привилегијата прва да ги проследи настапите на над 100 артисти од различни земји, многу музички точки и баскер работилници, како и катче за најмладите.
Извор: Општина Гевгелија