Со положување цвеќе пред обележјата и спомениците на народните херои и паднатите борци во НОБ, и со свечен прием, Гевгелија го одбележа општинскиот празник 7 Ноември, Денот на ослободувањето на градот.
Покрај општинската делегација, предводена од градоначалникот Иван Франгов, цвеќе положија делегациите на борците, пензионерите, политичките партии, здруженија на граѓани и делегациите на збратимените општини Инџија, Јабланица и Пазин кои беа предводени од нивните градоначалници Виктор Гак, Салем Дедиќ и Ренато Крулчиќ
На свечениот прием по повод 7 Ноември-Денот на општина Гевгелија пред странските гости, Претседателот и советниците во општина Гевгелија, претставниците на државните, општинските и јавните институции, на бизнис заедницата и на културниот и јавниот живот, свое обраќање имашр Градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов.
– Гевгелија од секогаш важела за град со европски обележја и стандарди, град кој се развивал и ги обезбедил основните инфраструктурни услови за пристоен живот. Тоа слободно го констатираме во годината кога одбележуваме 130-годишнина од прогласувањето на Гевгелија за градска населба и кога го одбележуваме општинскиот празник, 7 Ноември, денот кога пред 72 години беше ослободена Гевгелија, нагласи градоначалникот Франгов во обраќањето пред присутните на централната прослава.
Тој истакна дека Гевгелија претставува урбана средина во која се поголем број граѓани од земјата и соседството одлучуваат да живеат не само како резултат на гостопримството, туку првенствено поради создадените поволни услови за развивање бизнис и подобар живот. Тој ги наброи дел од реализираните проекти меѓу двата празника и проектите кои ќе се реализираат во наредниот период, како што е изградбата на новиот водоснабдителен систем, реконструкција на бунарот за вода крај Вардар, изградбата на времена санитарна депонија, доградба на 14 нови училници во СОУ „Јосиф Јосифовски„ и изградбата на Конска брана.