Кожув со тројката на Пековиќ на една секунда пред крајот , направи вистинска сензација го победи МЗТ Скопје со поен разлика, 75:74 и за прв пат играше во финалето на Купот на Македонија.
Синоќа Кожув не успеа да стигне до посакуваниот трофеј во Купот на Македонија, но тимот од Гевгелија сепак може да биде задоволен од прикажаната игра во овие два дена.Ефикасната игра во третиот период во кој Работнички направи серија од 20:4 беше клучна во важната победа на најтрофејниот. Играчите на Кожув играа одлично во првото полувреме но во второто полувреме подзастанаа и покрај тоа што за момент во последната четвртина дојдоа до минус четири.
Тренерот на гевгеличани Милош Пејиќ по натпреварот изјави-
Ова е значаен успех за нашиот клуб. Кожув може да биде горд на прикажаното овој викенд. Работнички знаеше што сака, ги увиде нашите слабости од вчерашното полуфинале и заслужено стигна до победата. Што се однесува до нас, ова беше добар викенд за Кожув, за Гевгелија како град, видовте дека имавме голема поддршка и во ова финале. Мислам дека тие се враќаат дома задоволни без оглед што го освоивме сребрениот медал. Можеби беше нереално да се очекува во два дена да се совладаат МЗТ и Работнички среде Скопје. Не се предававме до самиот крај. Немаме за што да жалиме, продолжуваме напред, веќе задутре одиме во Бугарија за меч од БИБЛ-лигата кој е од пресудно значење за првото место во групата“ – изјави тренерот Милош Пејиќ.