Наскоро ќе започне изградбата на пешачката патека од стопанската зона „Блокотехна“ до Негорци, на патот Гевгелија-Негорци.Пешачката патека е дел од проектот за изградба на пешачки патеки што ќе се реализира во пет општини од Југоисточниот плански регион со средства од Бирото за регионален развој.
На тендерот за групна набавка за изградба на 920 метри од оваа пешачка патека најповолна понуда даде фирмата „Периш градба“ДООЕЛ Скопје. Истата фирма ќе ги гради и преостанатите четири патеки во другите општини, бидејќи имаше најповолна понуда.
Со овој тендер всушност ќе биде целосно завршена пешачката патека на патот Гевгелија-Негорци. Имено, општина Гевгелија од сопствени средства веќе изгради дел од пешачката патека, од зградата на поранешниот комбинат „Винојуг“ па, се до стопанската зона „Блокотехна“. Со претстојната изградба патеката ќе биде целосно уредена и осветлена што е од посебно значење ако се има предвид дека минува крај Негорските бањи.