Жителите на Богданци, Гевгелија и околните населени места добија значајно подобрување на патната инфраструктура – официјално беше пуштен во употреба реконструираниот пат Понов Мост – Богданци.
Со завршувањето на реконструкцијата, патниот правец доби нов асфалт, подобрена одводна мрежа и зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот. Овој проект претставува големо олеснување за секојдневното движење на граѓаните, земјоделците и бизнис секторот во регионот.
На свеченото пуштање во употреба присуствуваа претставници на локалната самоуправа, изведувачите на работите и жители кои го поздравија овој чекор како клучен за развојот на општината.
„Овој патен правец е од огромно значење за поврзувањето на Богданци со останатите делови од регионот. Очекуваме подобрување и на транспортот, и на локалната економија,“ истакнаа од Општина Богданци.
Реконструкцијата е дел од поширока програма за модернизација на патната мрежа во Југоисточниот регион, која ќе продолжи и со други проекти во наредниот период.