Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, денеска заедно со градоначалникот Иван Франгов, го посетија местото во близина на селото Конско,од каде го најавија почетокот на изградбата на капиталната инвестиција-Конска брана, инвестиција вредна 40 милиони евра.
Турскиот изведувач на работите, компанијата Адалихолдинг, една од најголемите компании во Турција со 50 годишно искуство во конструкција и градба на енергетски објект, избрана на меѓународен тендер, за некој ден ќе биде воведена во почетокот на работите за изградба на оваа брана. Министерот Костадиновски при тоа изјави дека има особена чест и задоволство да го најави отпочнувањето на овој голем зафат во општина Гевгелија, изградба на браната Конско која ќе биде мултинаменска, ќе служи за водоснабдување, наводнување, дотур на вода по природен пад до Дојранското езеро, како и развој на локалната туристичка понуда.
Тоа е една од трите брани кои во наредниот период ќе почнат да се градат во Република Македонија и чие завршување се очекува во 2021 година. Градоначалникот на општина Гевгелија истакна дека една дамнешна желба на граѓаните на општината , од далечната 1978 година, овие денови станува стварност и исполнет сон на многу генерации гевгеличани, благодарејќи на залагањето на Владата на Република Македонија за реактивирање на идејата за изградба на брана во гевгелиско.
Извор: Општина Гевгелија