20 годишниот јубиулеј на уметничка активност, градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија ќе го одбележи со концерт на кој ќе настапи академскиот хор „Корес“ од Солун.
Грчките хористи за прв пат ќе настапат во Гевгелија, одбележувајќи ја на тој начин 25 годишнината од своето постоење. Концертот ќе се одржи на 18 март 2018 година, во недела, во Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 19.30 часот.
На концертот академскиот хор „Корес“ од Солун, под диригентската палка на Елеонора Калетсиду и пијано придружба на Јанис Филипопулитис, ќе изведе инсерти од мјузиклот „Зорбас“. Додека пак домаќините – градскиот мешан хор „Гортинија“, под диригентската палка на Илија Атанасов на концертот ќе изведе госпели и фолк обработки.
Македонско-грчкиот концертен хорски настап предизвикува голем интерес во Гевгелија, но и во соседна Грција. Со концертот всушност продолжува успешната соработка на гевгелискиот хор „Гортинија“ со солунскиот хор „Корес“. Гевгелиските хористи, кои освоија бројни признанија и награди на домашните, но и хорските фестивали во регионот и пошироко, имаа свој концерт во Солун.
Извор: Општина Гевгелија