По повод 113 години Илинденското востание и 72 години од првото заседание на АСНОМ Општинскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија од Гевгелија вчера, 2 Август организираше одбележување на овие два големи настана од македонската историја со полагање на цвеќе на бистите на Народните херои, споменикот на Сава Михајлов, бистите на првоборците и Костурницата на паднатите борци во НОВ од Гевгелија и Гевгелиско.
Свежо цвеќе положија делегациите на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од Гевгелија, Градоначалникот Иван Франгов и членови на Советот на општина Гевгелија, претставници на политичките партии од Гевгелија, на Здружението на пензионерите на општина Гевгелија, како и на Здруженија на граѓани на општината. За значењето на овие два светли датуми од македонската историја говореше претседателот на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од Гевгелија, Ристо Марковски, кој притоа истакна дека со двата Илиндена македонскиот народ јасно ја искажал својата желба да живее во своја слободна и независна држава.
– Денеска им оддаваме почит на сите знаени и незнаени Македонци кои ги положија своите животи во остварувањето на главната цел,создавање независна македонска држава.
*Извор: Општина Гевгелија