Вчера истече продолжениот рок за легализација на бесправно изградените објекти, а како што е познато првичниот датум за легализација беше до 31 декември ланската година.
Од почетокот на процесот на легализација во март 2011 година па се до крајот на ланската година биле поднесени на ниво на државата 360.000 барања а правен статус добиле 147.000 нелегално изградени објекти. Општина Гевгелија досега има решено повеќе од половината поднесени барања за легализација на бесправно изградени објекти.Од одделението за урбанизам информираа, дека од вкупно поднесените 4.120 барања до сега се решени 2.300 или 51, отсто.
Урбанистите велат дека овој процент би бил уште повисок доколку подносителите на барања навреме ги доставиле елаборатите и го уплатиле комуналниот надоместок. Општина Гевгелија е меѓу првите пет општини во земјата според процентот на решени предмети. Најголем процент на реализација има општина Илинден со 73 отсто, па следуваат Пехчево со 60, Гостивар со 53, Кочани и Центар со 52, а Гевгелија и Неготино имаат 51 процент на решени предмети. Најдобра потврда за приоритетот што и се дава на урбанизацијата на општина Гевгелија се донесените пет нови урбанистички плана, како и поведената постапка за донесување на уште триесетина.
Да потсетиме дека одлуката на Владата на Р.М за продолжување на рокот за легализација на бесправно изградени објекти (дивограби) се однесуваше на објектите кои се изградени до 3 март 2011 година. Значи Продолжувањето на рокот за легализација не се однесува за објекти кои се изградени по овој датум и затоа предмет на легализација нема да биде ниту еден објект кој е изграден по 3 март 2011 година.
Сите објекти кои се изградени по овој датум ќе бидат третирани согласно Законот за градење и ќе бидат најостро санкционирани при што трошоците за постапката ќе паднат на товар на граѓанинот кој изградил таков незаконски објекти.
Извор: Општина Гевгелија