Сања Атанасова, матурантката од СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, според евиденцијата на Државниот испитен центар е најдобар матурант по англиски јазик во во учебната 2017/2018 година.
Имено, на објавената листа на Државниот испитен центар на најдобри матуранти, таа се наоѓа на самиот врв. За Телевизија Нова 12 младата Сања Атанасова изјави:
-Се надевав на добри резултати, но исходот ги надмина моите очекувања. Се покажа дека трудот навистина вродува со плод и тоа претставува уште поголема мотивација за понатаму. Љубовта кон англискиот јазик се роди благодарение на моите родители кои ми овозможија изучување на истиот од мали нозе. Но, за надградувањето на таа љубов им должам благодарност на професорите Нада Крстова и Јован Самарџиев кои несебично вложуваа во моето знаење. Благодарение на нив, успеав да го изучам јазикот до повисок степен и да ги постигнам овие резултати. Моето образование планирам да го продолжам на Правниот факултет во Скопје, па сето ова беше голема мотивација за предизвиците кои ме очекуваат во иднина.
Извор: Општина Гевгелија