Единаесеттата „Смоквијада“ ќе се одржи на 30 септември, во сабота, на Градскиот стадион во Гевгелија.
Годинашниве активности ќе се одвиваат само еден ден, односно организаторот повторно ќе ги собере најдобрите варачи на слатко од зрели смокви на ракометното игралиште. Пред очите на публиката десет екипи ќе ги покажат своите „марифети“ во готвењето на ова традиционално гевгелиско слатко. Традицијата на гевгеличани, да се вари слатко на пирустија или на ќумбе и годинава ќе биде белег на манифестацијата, како начин, но и цел да се зачуваат традиционалните етно-вредности.
За најдобриот подготвувач на слатко од смокви овојпат ќе одлучи публиката која ќе има можност да проба од секое сварено слатко, давајќи го својот глас на гласачко ливче. Новитет на „Смоквијада“ е добивањето на величествената готварска капа која ќе се пренесува од година во година на најдобриот, кој пак ќе биде и шеф на варачите-натпреварувачи следната година.
Содржините на „Смоквијада“ годинава ќе бидат збогатени и со културно-уметничка програма, но и со презентација на автентични производи. Факултетот за туризам и бизнис логистика, СОУ „Јосиф Јосифовски“, ЗГ „ТеРа“, поединци – произведувачи и иработувачи на ракотворби се дел од учесниците кои ќе бидат присутни во саботата.
За музичките содржини задолжени се Yasmin Lopez, со потекло од Куба, која со својата група ќе се обиде да ја анимира публиката играјќи и пеејќи латино-американски хитови и Викторија Лоба со танчерската група која ќе има мини – концерт на манифестацијата..
„Смоквијада 2017“ и годинава ќе се одржи во организација на здружението на граѓани „ТеРа“, а под генерално покровителство на Општина Гевгелија.
Официјалниот почеток на манифестацијата е закажан во во 19.00 часот.
Извор: Општина Гевгелија