Во рамките на Гевгелиското културно лето синоќа, 30 јули, под јаворот пред библиотеката „Гоце Делчев“ беше промовирана книгата раскази од Стефан Марковски „Продавач на ветер и магла и други приказни“.
Книгата со вкупна големина од 370 страници, вклучува невообичаена форма на комуникација помеѓу авторот и читателот, интегрирајќи неколку постмодерни техники, меѓу кои доминираат метатекстуалноста, хипертекстуалноста, псевдо-авторство и можност за директна писмена комуникација на релација автор-читател во еден од расказите во кои авторот ја изнесува својата лична адреса на живеење.
Марковски има диплома по општа и компаративна книжевност, наскоро ќе дипломира и на Институтот за филозофија при истоимениот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2009 година го издава романот „Еднонасочно“ за кој ја добива наградата „Петре М. Андреевски“. Застапен е во поновите македонски антологии на проза и поезија, а го има и во книжевните списанија.
Животот е бескрајно патување. Стефан Марковски е неуморен патник.
Станува збор за писател-грижник за современоста кој отворено забележува, критикува и опоменува. Неговата позитивна енергија не разградува и уништува, туку е постојано замислена и во изборување на посреќна иднина. Самиот човек не значи дека е и осамен. Во него се крие онаа среќа која што потврдува оти само слободниот е среќен човек“, кажа на промоцијата промоторот Васил Тоциновски.
Продавачот на ветар и магла и други приказни“ е во издание на Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија. Уредник на изданието е Дамјан Ѓуров, а графичкото обликување на книгата е дело на Оливера Томиќ.