Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири денес ја посети Гевгелија и оствари средба со градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов. На средбата, како и при посетата на градилиштето, стана збор за изградбата на Пречистителната станица кај Вардар.
Притоа, министерот Изаири изрази задоволство од текот на изведбените работи на овој капитален зафат, така што сосема е реално пречистителната станица да биде готова до средината на идната година. Посебно значајно е што со изградбата се обезбедува целосна заштита на реката Вардар во долниот тек и во самото прекугранично подрачје.
Градоначалникот Иван Франгов изрази, исто така, задоволство што се надминати проблемите изминатава пролет со надојдените води на Сува река и дека реализацијата на проектот продолжува да се реализира. Станува збор за проект тежок 9,7 милиони евра, кој заеднички финансиски го подржуваат Швајцарската влада преку Агенцијата за развој, како и владите на Република Македонија и Република Грција. Министерот за животна средина и градоначалникот на општина Гевгелија потоа го посетија прифатниот пункт за бегалци во близина на македонско-грчката граница.