Лозарите и винариите од гевгелискиот крај и оваа година се подготвуваат да го одбележат големиот христијански празник Св. Трифун. Во сите населени места, на сите лозови насади, сопствениците на винарии, лозарите и нивните семејства со богата гозба, вино и музика ќе го направат вековниот адет на закројување на лозјето.
Се верува дека Св. Трифун е чувар на лозјата и другите посеви од разни штети, а е заштитник на лозарите и кафеанџиите. На овој ден кога се закројуваат лозјата започнува пролетта, се буди природата и љубовта кај луѓето. Овој голем православен празник е надеж за лозарите дека родот ќе биде добар и ќе произлезе добро вино.
Централната прослава на Св.Трифун ќе се одржи во населеното место Прдејци. Свеченото одбележување на Денот на лозарите ќе започне во 10.30 часот со црковната литургија во црквата „Света Петка„, а потоа во дворот на црквата ќе биде извршено симболично закројување на лозјата.
Традиционалната веселба на лозарите продолжува во ресторанот „Стар“. Св.Трифун дава надеж за добра берба. Закројувањето е еден вид на креација кој претставува обред, но во тоа има и содржина.Се офромува идниот род и според процентот на здрави окца на лозјето, лозарите ќе знаат што да очекуваат.
*Извор на информација: веб-сајт на Општина Гевгелија