Вчера на ден 04.04.2016 се одржа вонредно собрание на фудбалскиот клуб Кожуф од Гевгелија.
На собранието беше поднесена оставка од сега веќе поранешниот претседател Томе Хаџи Митров, а воедно беше сменета и сега веќе поранешната управа. На собранието беше избран нов претседател и нови членови на управниот одбор. За нов претседател беше едногласно избран Ристо Танев – Пунац, како што беа едногласно избрани новите членови на управниот одбор:
Ристо Танев – Претседател и поранешен играч на ФК Кожуф
Маринчо Каракабаков – долгогодишен играч и легенда на ФК Кожуф
Емил Кириќ – дипломиран магистер на факултетот за физичка култура во Софија и претставник на „Фламинго“
Јован Дупаров – успешен стопанственик и бизнисмен од нашиот град
Митко Илиев – претставник на навивачката група „Фантоми“.
Новиот претседател ја користи оваа можност да им се заблагодари на сега веќе поранешниот претседател и поранешните членови на управниот одбор кои се изборија за овој наш 94 годишен клуб со традиција да не згасне. Воедно ветува чесна и макотрпна работа и враќање на ФК Кожуф на старите патеки. Се заблагодарува и на делегатите на собранието кои едногласно го избраа на оваа функција.
Примарната цел е годинава да се искачиме едно скалило погоре (Трета лига југ), а од јуни планираме да создадеме младински категории од кои планираме во иднина да го градиме костурот на тимот каков што е впрочем и сега (во клубот сите играчи се од нашата поранешна општина). Политиката на клубот ќе биде работење со наши деца, но за тоа ќе ни треба поддршка и од Општината (во смисла на инфраструктура и финансии). Ги повикуваме сите симпатизери на ФК Кожуф да бидат дел од тимот со тоа што ќе го поддржат нашиот историски клуб. Нека градскиот стадион пак се полни како што беше порано – вели во своето кратко излагање, претседателот Ристо Танев.