По повод 200 години од излегувањето од печат на книгата “Огледало” од македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“-Гевгелија организира јубилејно чествување со изложување на оригиналниот примерок на книгата која е во сопоственост на Библиотеката и е една од неколкуте оригинални зачувани примероци во Македонија.
Овој настан кој е дел од манифестацијата 130 години-град Гевгелија ќе се одржи во петок, 16 декември 2016 година во црквата „Свети Спас„ со почеток од 12 часот. Промотор ќе биде Димитар Пандов а во музичкиот дел ќе настапи Градскиот хор “Гортинија” со византиска музика. Кирил Пејчиновиќ е роден во село Теарце, Тетовско, а учел црковно училиште во манастирот Св. Пречиста Кичевска и Хиландар на Света Гора. Целото семејство било верски настроено, па татко му и чичко му го продале имотот во Теарце и заедно со Кирил отишле во Хиландар каде се закалуѓериле. Тие останале таму, а Кирил се вратил и работел во Марковиот манастир, близу Скопје. Тука го обновил оштетениот манастир и собирал стари текстови со што ја збогатил манастирската библиотека. Во Марковиот манастир Пејчиновиќ живеел дваесетина години. Отворил манастирско училиште и се истакнал како активен проповедник и просветител на населението. Тука ја напишал својата прва книга „Огледало“, печатена во Будим 1816 година.
1818 година дошол во родниот крај, во селото Лешок и го обновил манастирот Св. Атанасија. Во манастирските конаци отворил училиште, каде поучувал и млади и стари. И тука ја збогатил и уредил библиотеката. Во слободните часови пишувал. Освен „Огледало“, тој ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“ кој е врежан на неговата надгробна плоча. Починал 1845 година и е погребан во дворот на Лешочкиот манастир (Св. Атанасија).
Огледало“ е требник, прирачна книга за свештениците која ја користеле при вршењето на црковните обреди. Содржи неколку молитви и прозни текстови за различни обреди и една голома проповед – „Слово за празниците“. Молитвите и црковните текстови се напишани на црковнословенски јазик, а „Словото“ на народен јазик – тетовски говор. Оригиналот на книгата „Огледало„ кој го поседува библиотеката „Гоце Делчев„ од Гевгелија е еден од петте сочувани оригинални примероци кои постојат.
Извор: Општина Гевгелија