Денес, свечено отпочнa со градба новиот водоснабдителен систем во Гевгелија, во рамките на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во Гевгелија, финансиран со средства обезбедени од Светската банка и Еврропската унија во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги на Министерството за финансии.
Почетокот на изградбата на новиот водоснабдителен систем го означија евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за финансии Кирил Миноски, претставникот од Светска банка, Бекир Имери и градоначалникот Иван Франгов.
Според министерот Миноски, станува збор за важен проект кој освен непречено снабдување со чиста вода за пиење на овие места, ќе придонесе и за развој на локалната економија преку создавање можности за отворање земјоделски преработувачки капацитети, индустриски капацитети и нови мали бизниси, но и развој во примарното и секундарното сточарско производство.
Евроамбасадорот Жбогар нагласи дека ваков проект се спроведува првпат во рамки на неодамна започнатата кампања „ЕУ за тебе“.
– Морам да потенцирам дека на многу успешен начин општина Гевгелија успеа да искомбинира различни извори на фондови за финансирање на проектот и мислам дека токму овој начин на реализација на пионер проект треба да служи како пример на другите општини како треба да спроведат големи проекти и како да ги реализираат, рече Жбогар и додаде дека очекува благодарение на проектот да се зачува здравјето на населението, да се зголемат заштедите на домаќинствата и да се унапреди локалното стопанство.
Според градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов, новиот водоснабдителен систем треба да биде готов до ноември, а на активностите им претходеле седум години барање решение за квалитетна вода. – Огромна благодарност од мое и од име граѓаните на општина Гевгелија мора да изразам за финансиската помош што ја добивме преку ЕУ фондовите, Светската банка и Министерството за финансии и грантот од Министерството за транспорт и врски.
Завршена е целата финансиска конструкција на проектот кој ќе чини повеќе од 105 милиони денари односно 1,7 милиони евра, рече Франгов. Со проектот за подобрување на системот за водоснабдување во Гевгелија, кој ќе го гради фирмата „Хидрострој„ се планира изведба на нови бунари, со вкупно очекуваната проектирана издашност на целиот бунарски систем од 150 – 200 литри во секунда.
Предвидена е изградба на хлорна станица, резервоар на Мрзенски рид, со капацитет од 1000 м3, како и потисен цевковод од бунарите до резервоарот, со должина од 1366 метри. Вкупната вредност на проектот изнесува 105.325.025 денари, а изградбата на системот треба да заврши до крајот на 2017 година. Средствата за изведбените работи се веќе обезбедени и тоа преку ИПА грант од Европската инвестициона банка од 260.000 евра, додека преостанатите средства како подзаем од Светска банка преку Проектот за поддршка на општинските услуги на Министерството за финансии.
Извор: Општина Гевгелија