Премиерната изведба на претставата „На здравје“ на аматерската театарска група „Дон Кихот“, а во продукција на ЈОУ „Дом на култура“ ги воодушеви гевгеличани.
Најдобра потврда за тоа беше преполната сала на Народниот театар во Гевгелија. Публиката со долготраен аплауз ги награди Фибро, Вероника, Алек, Јулие, Мартин, Доминик, Љупче, Докторот, Владислав, Болничарот и Студентите, односно главните јунаци во оваа современа драма, која ги допира меѓучовечките односи во денешно време на еден карикиран начин. И тоа, преку сугестивната изведба на аматерските актери Стефчо Стефанов, Ивана Кркотиќ Прошевска, Силвестер Проле, Петар Јанчев, Каме Ќаев Мирјана Крстева Массетти, Виктор Вегов, Илија Влахов, Димитар Бучков,Александар Стефанов, Кристина Митреска, Проше Митовски и Надја Олумчева. Претставата „На здравје“ е работена по два интересни текста на французинот Жан Пол-Канитино и англичанката Шерил Барет, во режија на Катица Џишева Дупарова и Даниела Џишева. Сценографија е на Дане Јанев а техничката обработка на Тони Аврамов.
Веќе наредната вечер аматерскиот театар „Дон Кихот“ со претставата гостуваше во театарот „Антон Панов“ во Струмица, а најавена е уште една претстава во Гевгелија.
Извор: Општина Гевгелија