ЈОУ „Дом на културата„ организира проекции на новиот македонски долгометражен игран филм „Златна петорка“ на режисерот Горан Тренчовски. Проекциите се закажани за 30 ноември, 1 и 4 декември во Народниот театар со почеток од 20 часот.
Цената на билетот изнесува 80 денари а можат да се набават пред самиот почеток на претставата во Народниот театар. Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и косценаристите Билјана Гарванлиева и Горан Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Во дејствието од филмот главен мотив е апсурдниот настан од 1951 година кога свирепо се ликвидирани петмина прогресивни студенти од Струмица. Филмската сторија претставува всушност фикција за една насилно прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Речиси половина век подоцна, преживеаниот Алавантие се враќа во родната земја, отпретувајќи некои нови траги од досието кое УДБА го водела со кодните имиња на студентите. Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
Извор: Општина Гевгелија