Оваа година, по трет пат, Здружението на Ромите од Гевгелија „Роми Х„ организира прослава на Ѓурѓовден.
Прославата се организира на просторот пред старата касарна во Гевгелија со богата културно-уметничка програма. Програмата и целата прослава привлекува голем интерес кај гевгеличани и гости од соседните општини. Имено, православните верници денес го слават Свети Ѓорѓи – Победоносец, познат како Ѓурѓовден. Се вбројува меѓу поголемите пролетни празници, што го слави не само христијанското, туку и целто население во Македонија.
Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.
Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната пена се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период. Црквата денес го одбележува погубувањето на Свети Ѓорѓи, кое се случило на 23 април 303 година. Свети Ѓорѓија е воспеан како небесен клучар, којкако што се пее и во песните, ја отвора земјата, ја пушта росата за да биде топло летото и бујно житото.
Вечерта наспроти Ѓурѓовден, се берат зелени гранки и се закитуваат вратите и прозорците на куќите. Ова се прави за годината и домот да бидат бериќетни, да има плодови и род во домот, полето, во трлата и шталите. Ѓурѓовден се врзува и за ромската популација, со оглед дека Ромите го одбележуваат како свој најголем верски празник, Хедерлез, покрај Курбан Бајрам и Рамазан. Се верува дека Ѓурѓовден го најавува доаѓањето на летото.
*Извор: Општина Гевгелија