Во Кленоец, во присуство на голем број гости од Гевгелија, Кичево, Охрид, Дебарца, претставници на Сојузот на борците, резервните воени старешини и многу други, беше одбележана 73 годишнината од легендарната битка кај село Кленоец, во која загинале голем број на борци, меѓу кои и народниот херој Јосиф Јосифоски- Свештарот.
На настанот присуствуваше и делегација на Сојузот на борците од НОВ-Гевгелија. Откако беа положени букети свежо цвеќе на споменикот на жртвите од Кленоец, на присутните им се обрати Живко Сталески, претседател на МЗ од ова село.
-Ние следбениците на нашата историја во ова мало село Кленоец, сакаме да се потсетиме на 1943 година и на битката која ја нарековме Македонска Кадињача или втор Мечкин Камен, битка за која вечно ќе кажуваме ние и нашите поколенија за патриотите кои несебично ги дадоа своите животи за слободата на нашата татковина. Колкава е почитта кон оваа битка зборува и посетата на Кленоец на група постари гевгеличани, кои дојдоа да се поклонат на споменикот каде што загинал нивниот сограѓанин, командантот Јосиф Јосифоски- Свештарот.
-Иако сме во години, сепак почитта кон Свештарот и неговото големо дело, не тера да поминеме толкава пат за да се поклониме на ова место, кое е најдобра потврда за херојство на нашите луѓе за времето на НОВ -рекоа Ристо Маркоски и Петар Јованов, почитувачи на оваа епопеја од Гевгелија.
Извор: Општина Гевгелија