Вчера, 21 јули, во Гевгелија се одржа средба на градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов, пратеникот во македонскиот парламент од Гевгелија, Драган Цуклев и делегација на Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите Нации(УНХЦР).
Целта на состанокот беше двете страни да се информираат за моменталната ситуација во врска со присуството на мигранти на територијата на општина Гевгелија. На почетокот, градоначалникот на општината објасни дека негова должност како градоначалник е да се грижи за безбедноста и здравјето на граѓаните на општина Гевгелија кои се опасно загрозени од зголемувањето на бројот на мигранти кои не само што се задржуваат на железничката и автобуската станица , по околните паркови и згради околу нив, туку и непречено се движат низ градот Гевгелија.За таа цел, во текот на минатиот ден беше свикана седница на Локалниот совет за превенција на која беа донесени четири заклучоци кои им беа презентирани на претставниците на УНХЦР.
Првиот заклучок беше дека доколку се проблематизира протокот на мигрантите кон Србија и оваа држава ја затвори својата граница, Република Македонија истото тоа да го стори со границата кон Грција .
Со вториот заклучок советот за превенција предложи заради побрз проток на мигрантите кон други држави, регистрацијата и евидентирањето на мигрантите да се врши на полициско-граничен пункт во близина на граничниот камен 59 на границата со Грција, а превозот на мигрантите да се организира од помошниот железнички перон кој се наоѓа на просторот на поранешниот царински терминал во близина на железничката станица во Гевгелија.
Заради заштита на граѓаните кои ги користат превозните средства од заразни болести, транспортот на мигрантите гевгеликиот совет за превенција предлага да се одвива со хуманитарен, а не со јавен автобуски, железнички или такси превоз.До Министерството за здравство е испратен допис со барање да се задолжи Заводот за здравствена заштита да врши редовна дезинфекција на превозните средства, тие да бидат контролирани од санитарен инспектор и доколку не се придржуваат кон оваа мерка да им се одземат лиценците за превоз.
Претставниците на УНХЦР ги сослушаа овие заклучоци и се заблагодарија на искреноста во опишувањето на моменталната состајба со и околу мигрантите . Тие истакнаа дека сите европски земји се соочени со најголемиот егзодус на население од еден на друг континент забележан по Втората светска војна, а тие, со свои експерти и со своето искуство се тука во Македонија да помогнат како најбезболно и најефикасно да се справиме со оваа масовна дислокација на население од некои земји од Блискиот исок и Африка која се одвива и преку територијата на Република Македонија. Истакнаа дека нивото на безбедност во УНХЦР е подигнато на втор степен што говори со каква сериозност се пристапува кон овој феномен и понудија од своја страна секојдневна соработка на терен со општинските и државните институции.
На крајот на состанокот беше заклучено дека главен проблем е побрзата регистрација и издавањето на дозволи на мигрантите од страна на надлежните служби како и побрзо и поефикасно делување на сите чинители поврзани со справувањето со бегалската криза за доброто и на мигрантите и на граѓаните на општина Гевгелија.