Градоначалникот на општина Гевгелија Иван Франгов денес ја одржa традиционалната Предновогодишна средба со стопанствениците од општината.Во своето обраќање тој најнапред потенцираше дека 2015 година беше исполнета со многу предизвици, како за локалната самоуправа, така и за бизнис заедницата, но, и покрај тоа со нив не само што добро се носеа и општината и бизнисмените , туку и успешно беа реализирани речиси сите предвидени активности а особено најголемиот дел од програмските предвидувања за подобрување на комуналната, патната и урбаната инфраструктура.
Во наредната 2016 година градоначалникот Франгов посочи дека општина Гевгелија ја очекуваат нови предизвици. Покрај финиширањето на започнатите проекти и реализација на планираните зафати, како проектот за пробивање на Западниот булевар и изградба на Јужниот булевар, за регулација на Сува река, за нова спортска сала, за нов центар на градот, за доизградба на новиот пазар, за распишување на тендерот за изградба на нови бунари кај Вардар и обезбедување на дополнителни количества вода за пиење, општината ќе треба и понатаму да се справува со бегалската криза, обезбедувајќи услови за непречен транзит на бегалците, кои пристигаат преку македонско-грчката граница, но и заштита на граѓаните на општината.
На крајот градоначалникот Франгов пред стопанствениците истакна дека на последната седница на Советот на општина Гевгелија одржана изминатиот петок го усвои Буџетот на општина Гевгелија за 2016 година – проектиран на 733 милиони денари или 11,9 милиони евра, што според него е гаранција дека проектираните активности во наредната година се сосема реални.
На крајот тој им се заблагодари за соработката и поддршката што бизнис заедница ја имаше со локалната самоуправа изрази надеж дека во наредната година ваквата соработка ќе продолжи и ќе биде уште поизразена им посака на сите стопанственици и на нивните семејства, Новата 2016 година да им донесе здравје, бериќет и успех во работата и во животот.