Проблемот со кучињата скитници во Гевгелија засега се решава преку ЈПКД „Комуналец“, кое има склучено договор со ветеринарната станица „Анри Вет“ од Стојаково за заловување на кучињата скитници. Во текот на 2017 година (заклучно месец ноември) преку Систем 48 часа од страна на граѓаните биле пријавени за заловување на 50 кучиња скитници, а 7 директно во ЈПКД „Комуналец“.
Од страна на ветеринарната станица „Анри-Вет“ биле заловени 43 кучиња скитници, од кои 11 се вдомени, 1 еутанизирано, а останатите се вратени на локацијата каде што се заловени. Во текот на 2016 година имало пријави за заловување на 29 кучиња скитници (25 преку Систем 48 и 4 директно во ЈПКД Комуналец Гевгелија). Додека од страна на ветеринарната станица „Анри-Вет“ биле заловени 26 кучиња скитници, од кои 8 се вдомени, 1 еутанизирано, а останатите се вратени на локацијата каде што се заловени. Повторното враќање на заловените кучиња на улица, по вакцинирањето, што е законска обврска, а попради немањето стационар, претставува проблем. Затоа и најавената изградба на Регионален стационар за бездомни животни во Гевгелија, како дел од Предлог-проектната листа за рурален развој во 2018 година, претставува најсоодветното решение.
Извор: Општина Гевгелија