Во пресрет на Новата Година и Божиќ, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, преку Општинскиот совет за безбедност од Гевгелија упати апел до сите учесници во сообраќајот од општина Гевгелија за совесно, одговорно и пред сѐ безбедно учество во сообраќајот.
Единствениот услов за безбеден сообраќај за време на празничните денови е да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и условите на патот, возачите да се прилагодуваат кон нив и да не управуват под дејство на алкохол. Само така сите тие ќе бидат сигурни дека безбедно и на време ќе пристигнат до саканата дестинација.
По тој повод, ОСБСП од Гевгелија на основните и средното училиште во општината им подели едукативни постери со кои младите, кои се најризична група учесници во сообраќајот и кои многу често страдаат во сообраќајни незгоди,се предупредуваат за одговорно и безбедно учество во сообраќајот. Исто, така на две места во Гевгелија, пред основното училиште „Крсте Мисирков“ и пред СОУ „Јосиф Јосифовски“ ќе бидат поставени банери со пораки кон управувачите на моторни возила да ја намалат брзината и да внимаваат на учениците кои секојдневно одат и се враќаат од училиштата.
Статистиката говори дека во Република Македонија, на годишно ниво, животот во сообраќајни незгоди го губат околу 160 лица, а повеќе од 6000 лица се повредени.
Извор: Општина Гевгелија