Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов денеска ја посети општина Гевгелија и Граничниот премин Богородица.
Целта на посетата беше да се запознае со ситуацијата во граничната меѓузона помеѓу Македонија и Грција каде секојдневно престојуваат по неколку стотини мигранти. Исто така ја посети и Полициската станица на железничката станица во Гевгелија каде се издаваат дозволи за привремен престој на азилантите кои сакаат да поминат низ Македонија и каде се поднесуваат барања за добивање азилантски статус. Во изјавата што Иванов ја даде на средствата за информирање тој истакна дека Армијата ќе биде ангажирана да и помогне на полицијата во справувањето со напливот од мигранти. Таа би била ангажирана на јужната и северната граница, како и по должината на Коридорот 10 каде најчесто транзитираат мигрантите.
Тој вели дека државата сочувствува со судбината на овие луѓе кои состојбите во нивните земји ги натерале да ги напуштат домовите. Откако земјата почна да издава потврди за намера за барање на азил, издадени се над 14 илјади потврди, но само 32 луѓе поднеле барање за признавање на правото на азил.
*Сликите и видеото се на Телевизија Нова